Средно стручно училиште
АСУЦ "Боро Петрушевски" на град Скопје
Средното стручно училиште АСУЦ „Боро Петрушевски“ на град Скопје — средно училиште во Скопје, Општина Гази Баба и претставува јавно воспитно-образовна установа.
Мисија на училиштето е спроведување квалитетно образованиеи воспитание на учениците во сите струки и занимања од страна на високостручен и контиунирано обучуван наставен кадар, во одлични материјално-технички услови за настава.

Визија „Добро организирана кадровска екипирана, материјално-технички и просторно опремена воспитно-образовна установа,со зајакнат домашен кредибилитет,во која квалитетно ќе се образува кадар за претпријатија од областа на патниот сообраќај,квалитетно ќе се преквалификуваат граѓани преку програми за образование на возрасни,проширување на обемот и видот на дополнителни дејности...,многу ќе се работи и доста ќе се заработи "

Мото на училиштето е Секогаш може подобро... што во суштина значи постојана тенденција за следење на модерните трендови и качување скалило погоре во секој сегмент на училишниот живот и во работата.

Основање и развој
Автосообраќајниот училиштен центар „Боро Петрушевски“ е формиран во 1947 година, кога Владата на Народна Република Македонија, со Уредба бр. 9115, од 17 септември 1947 г., донесе одлука за формирање ниже училиште на автомеханичари во Скопје.

Училиштето почнало со работа на 5 април 1948 година, со примарна задача во наредните 3 години да ги оспособи првите 50 автомеханичари. За тоа бил потребен универзален профил на автомеханичар, кој ќе биде способен да се вклучи и во подоцнежниот развој на сообраќајот. Во учебната 1950/51 година во училиштето завршила прва генерација од 43 ученици-автомеханичари. Во учебната 1953/54, година, училиштето се споило со повеќе други училишта кои создавале кадри за индустријата и станало отсек на ИНДУСТРИСКОТО УЧИЛИШТЕ СО ПРАКТИЧНА ОБУКА, а потоа, во 1961 година, со ново соединување диктирана од тогашните услови и потреби, станало отсек во ЕЛЕКТРОМАШИНСКИОТ СООБРАЌАЕН УЧИЛИШТЕН ЦЕНТАР.
Во учебната 1964/65 година овој отсек повторно се одвои и прерасна во посебен СООБРАЌАЕН УЧИЛИШТЕН ЦЕНТАР „МАКЕДОНИЈА-ТРАНСПОРТ“.
На 12 февруари 1968 година, Центарот се преименува во АВТОСООБРАЌАЕН УЧИЛИШТЕН ЦЕНТАР. Овој настан е важен и поради фактот што училиштето, во коешто дотогаш се школуваа само автомеханичари, со Решение бр. 933 од 7 мај 1968 година, на Републичкиот секретаријат за образование, наука и култура, беше верифицирано како училиште во кои ќе се обрзуваат кадри од повеќе автосообраќајни профили.

АСУЦ „Боро Петрушевски“-Скопје
Перманентното зголемување на бројот на ученици, овозможија во 1974 година да се пристапи кон доградба на уште едно крило на училишната зграда, во насока на Полигонот на обука на возачи. Во истата година со одлука на Извршниот совет на СРМ, народниот херој Боро Петрушевски му беше определен како патронат на училиштето и, оттогаш, Центарот го носи неговото име. Беше промовиран и официјален амблем на училиштето, којшто во истата форма и изглед го користиме и денес. Во 1996 година беше преуреден просторот што дотогаш беше Сервис за дневна нега на моторни возила и беа изградени сали за возила, Сервис за нивно одржување и магацин за автоделови, понатаму надополнет и со Одделение за компјутерско мешање бои.
Вложувањата во инфраструктурата во период 1998-1999 година продолжуваат со темелно реновирање на административниот дел на училиштето и целосна изградба на нов кабинетски дел, во чијшто состав влегува и новата библиотека. Денес, овој комплекс го претставува најрепрезентативниот дел на училиштето и во него, покрај современата теоретско-кабинетска настава, се одржуваат низа други манифестации, како на пример, семинари, обуки, презентации итн.
Искуството и знаењата стекнати на овој начин уште повеќе ја зацврстија сликата што Центарот ја изгради на национални рамки, па ја наметна и потребата за продолжување на политиката на понатамошно барање можности за соработка со развиени европски центри за стручно образование.

Местоположба и развиеност на регионот
Училиштето се наоѓа во населбата Автокоманда, на место кое претставува индустриска зона на градот, со многу претпријатија, кои по многу нешта се во деловна соработка со училиштето. Поставеноста на училиштето на излезот кон главниот автопат и излезот на регионален пат со кој се поврзува со главните транспортно-шпедитерски компании, овозможува континуиран проток на клиенти, заинтересирани странки, граѓани, странци и други соработници кои придонесуваат кон стратешкиот развој на училиштето. Во непосредна близина на училиштето се наоѓаат уште два средношколски центри, како и средношколските интернати „Томе Стефановски Сениќ“ и „Партенија Зографски“, во кои престојуваат учениците од внатрешноста на Републиката.

Образовна дејност
Основна дејност на АСУЦ „Боро Петрушевски“ е образование на кадри од сообраќајната струка (техничар за транспорт и шпедиција и техничар за патен сообраќај) машинската струка (автотехничар – мехтроничар и автомеханичар)и автотехничката струка (автоелектроничар и каросериски механичар) по пат на редовно и на вонредно школување на македонски и на албански наставен јазик. Редовната теоретска настава се изведува во специјализирани училници, лабораторија за автоелектроника, кабинет по информатика, кабинетите по странски јазик, сообраќаен кабинет, машински кабинет и кабинет за техничко цртање, кои постојано се доопремуваат. Наставниот процес се реализира со користење нагледни средства, ЛЦД – паметна табла, проектори, аудиовизуелни помагала, богато опремена библиотека со цел учениците да стекнат знаење, способности и вештини кои ќе им овозможат полесен влез во високообразовните институции, како и на пазарот на трудот.
Практичната настава се изведува делумно во училишната работилница, а делумно во работните организации во градот со кои училиштето веќе долго време успешно соработува. Во рамките на училишната работилница, покрај во петнаесетте специјализирани одделенија, наставата се изведува и во три стручни кабинети (за мотори, мехатроника и електроника), а за занимањето каросериски механичар функционира специјализиран кабинет.
АСУЦ „Боро Петрушевски“ нуди и можности за специјалистичко образование и доусовршување Архивирано на 29 септември 2012 г. : специјализации од областа на патниот сообраќај и одржувањето на моторните возила; обуки и курсеви за стекнување компетенции и лиценци за вршење на дејноста во областа на патниот сообраќај и одржувањето на моторните возила; АДР-сертификати за превозници со опасни материи. Во рамките на Центарот работат и лиценциран Центар за безбедност и здравје при работа и Центар за обуки.

Споредни дејности
Покрај образовната, училиштето остварува и споредни дејности:
Регистрација на моторни возила во Станицата за техничи преглед која нуди високопрофесионален однос кон клиентите во современо опремени простории; Техничка служба за испитување моторни возила - брз, ефикасен, современ технички преглед и регистрација на половни моторни возила; Автошкола за обуки од Б-категорија нуди високостручно оспособување за управување со моторни возила; Aвтосервис Професионална поправка и сервисирање на сите видови возила; Автоперална која нуди квалитетно, брзо и темелно чистење на моторните возила; Вршење проценка на ризик на работно место и обуки за заштита при работа.

Воннаставни активности
Воннаставните активности имаат богат придонес за дополнувања на образовната и на воспитната улога на учeниците. Целта на овие активности е: поттикнување на креативност,ентузијазмот кај учениците, доследност и истрајност, да се создадат услови за развивање на личноста на ученикот, создавање навики за добро, организирање на слободното време. АСУЦ „Боро Петрушевски“, претставува пример за развој на мултикултурализмот во образованието.
Тимот од професори од неколку активи ги подготвуваа учениците за повеќе активности од јавен карактер: спортски манифестации, подготвување театарски претстави, јавно говорење, дебати, вечери на поезија, организираа промотивни вечери и во голема мера ги поттикнаа културата и естетската вредност на убавиот збор и сл. Сите овие активности вклучуваа ученици од македонска и од албанска националност и како носечка идеја имаа зближување, соживот и мултикултурализам на учениците. Резултатите беа повеќедимензионални: се создаде општа еуфорија и раздвиженост меѓу наставниците и учениците, се зголемија соработката и дружењето со други институции, се изврши промоција и афирмација на училиштето, се подигна нивото на култура во меѓуетничката и меѓуучилишната соработка.