АСУЦ „Боро Петрушевски“ на Град Скопје – вторпат домаќин на Меѓународен симпозиум Print
10.03.2016

AСУЦ „Боро Петрушевски“ на Град Скопје – вторпат домаќин на Меѓународен симпозиум

 

„ИНТЕРДИСЦИПЛИНАРНОСТ НА ЛОГИСТИКАТА И СООБРАЌАЈОТ“

 

 

 

На 29 и 30 септември 2016 година, по седми пат, се одржа Меѓународниот симпозиум „Интердисциплинарност на логистиката и сообраќајот“, чиј домаќин, по вторпат, беше АСУЦ „Боро Петрушевски“ на Град Скопје. АСУЦ „Боро Петрушевски“ на Град Скопје, Македонија, и Шолскиот технички центар од Целје, Словенија, пред седум години беа креатори на идејата да се организира симпозиум „Интердисциплинарност на логистиката и сообраќајот“. Во 2010 година, АСУЦ „Боро Петрушевски“ на Град Скопје, беше првиот домаќин на Меѓународниот симпозиум, кој се одржа во Охрид, а потоа секоја година домаќин е една од земјите кои се дел од Симпозиумот.

На Симпозиумот „Интердисциплинарност на логистиката и сообраќајот“ со свои трудови и презентации учествуваа претставници од стручните сообраќајни училишта од Македонија, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина, Хрватска и од Црна Гора. Пред голем број присутни, тие од аспект на струката дадоа свои видувања, анализи, идеи, ги изнесоа своите искуства од работата во образованието и од проектите, позитивните практики и состојбите во своите држави од областа на логистиката и сообраќајот.

На Симпозиумот беа презентирани дваесет и два стручни труда поврзани со логистиката и сообраќајот воопшто, но и со сообраќајната струка како мошне значајна за секој образовен систем. Беа потенцирани состојбите од застапеноста на логистиката и сообраќајот во образованието во секоја држава, важноста од стручно усовршување на наставниците, интерактивната настава од оваа област, како и обуката на инструкторите за полагање возачки испит. Посебен акцент беше ставен на улогата на младите за зголемување на безбедноста во сообраќајот, сообраќајната култура, заштитната опрема на моторциклистите, превентивните одредби за обезбедување патишта од судири на диви животни со возила, агресивното возење на младите, како и начините за разрешување на овие проблеми.

Сите учесници добија сертификати за учество на Меѓународниот симпозиум „Интердисциплинарност на логистиката и сообраќајот“, а сите присутни ЦД со презентираните трудови на Симпозиумот.

Симпозиумот нуди можност за претставување, афирмација и директен контакт меѓу стручните лица од областа на логистиката и сообраќајот. Токму затоа, на крајот на Симпозиумот беше потенцирана важноста и следната година да се одржи симпозиум каде сите ќе ги споделат своите нови искуства и ќе проучуваат нови можности за развој на логистиката и сообраќајот.